Жељко Јовановиќ: Новата ромска политика на самоопределување и единство

Браќа и сестри,

Нека ни е среќен 8ми Април, светскиот ден на Ромите.

Сред студената војна пред 50 години, ромски лидери се собраа во Лондон во 1971 година за да го прогласат самоопределувањето и транснационалното единство на Ромите. На првиот Светски Конгрес на Ромите, тие се договорија за следниве симболи на единство: сино-зелено знаме со црвено тркало под кое сите со гордост стоиме и ја пееме Џелем џелем, нашата химна на ромски јазик. Веќе 50 години, овие симболи ги обединуваат нашите луѓе и нашата кауза за самоопределеност. Тие претставуваат еден политички подарок, којшто мојата генерација го наследи од претходната. Какво политичко наследство ќе остави мојата генерација зад себе за генерациите кои следат? Накратко, ние треба да го зајакнеме транснационалното движење со упоришта во нашите заедници, да продолжиме да ја градиме ромската нација и да го обединиме ромското лидерство со нови морални основи.

Дозволете ми да објаснам секоја од нив:

Прво, за да го зајакнеме нашето транснационално единство и политичко учество, ние мораме да изградиме локални упоришта. Во последните 50 години, се потпиравме на меѓународните организации за да го смениме начинот на кој владите не третираат. Во името на „ништо за нас, без нас“ нашите големи организации предводени од страна на Роми како Интернационалната ромска унија и Европскиот форум на Роми и Патувачи ја изградија својата важност врз основа на консултативните улоги во Обединетите нации и Советот на Европа.

На сличен начин, Европската канцеларија за информации за Ромите и мрежата на Европски Ромски грасрут организации, ја продолжија оваа традиција во рамките на институциите на Европската Унија. Сите овие организации, заедно со многу други кои застапуваат, покажаа загриженост за нашата ситуација и препорачаа решенија за истата.

Меѓутоа, земјите-членки на овие меѓународни организации никогаш не ја сфатија ургентно ситуацијата на Ромите или некоја од нашите препораки. Во добри времиња – некаде помеѓу падот на комунизмот во 1989та година и финансиската криза во 2008, владите изразија декларативни обврски бидејќи им беа потребни САД, ЕУ, Обединетите Нации и други меѓународни организации за финансирање и безбедност. Сега, особено од финансиската криза во 2008та година која ги зајакна популизмот и крајната десница, земјите-членки ги потценуваат меѓународните организации.  На пример, Унгарија и Полска ги оспоруваат самите темели на ЕУ (како владеење на правото), Обединетото Кралство ја напушти ЕУ,  а Русија предизвика сериозна криза во Советот на Европа.

Гледајќи ги ваквите случувања, јас немам илузија дека можеме да се потпреме само на меѓународните организации за да имаме поголемо влијание врз националните одлуки. Реалноста е дека националните влади донесуваат одлуки во меѓународни организации. Затоа, ние мора да се преориентираме кон градење на национални и локални бази на моќ во нашите заедници. Секако, тоа е полесно да се каже отколку да се направи, но е неизбежно и фундаментално.

Втората задача за мојата генерација е да го продолжиме проектот за обединување на Ромите преку националните граници, сродства, религии, јазици и сл. Во последните неколку децении, единството на Ромите како што беше прогласено во 1971та година беше под нов притисок. Покрај присилната асимилација од одредени етнички мнозинства или малцинства, се зголемија тензиите помеѓу Ромите од една страна и некои Ашкалии, Египќани, Синти и Патувачи од друга страна. Некои од портпаролите на овие групи имаат различни појдовни точки, но сепак го достигнуваат истиот заклучок: тие не сакаат овие групи да припаѓаат на Ромската нација.

Содржината на нивните аргументи ја оставам на историчарите, лингвистите и антрополозите, но дозволете ни да бидеме јасни околу ова: секој идентитет е заедничка конструкција, обединувачка идеја. Границите помеѓу “нас и нив” секогаш се оспоруваат. Во нашиот случај, конгресот од 1971 година ги дефинираше симболите коишто ја обединуваат Ромската нација. Секој има слобода да ги прифати или да не ги прифати истите.  Сепак морално недоследно е да се одбие припадноста на Ромите и во исто време да се користи истата како извор за добивање финансиски средства, политички позиции и можности.
Покрај тоа, повиците од неколку луѓе да го сменат нашето заедничко име се неприфатливи затоа што тие не враќаат наназад и ги поништуваат прокламациите oд 1971 година.

Во прилог на нивните аргументи, некои луѓе – активисти, креатори на политики велат дека сите страдаме од истиот проблем, расизам против Ромите или антициганизам. Тоа е навистина валидно образложение за градење коалиции околу јавните политики. Но сепак, од 1971 година, ние баравме единство и самоопределување не заради антициганизмот туку против тоа.

Со други зборови расизмот е само една од многуте пречки на нашиот пат, но нашата кауза е поголема од антициганизмот.

Конечно, третата задача на нашата генерација е да го унифицира лидерството на Ромите со новите вредности. Во раните децении по првиот Конгрес бројот на ромски лидери беше мал, па можеби обединувањето единствено околу припадноста на Ромите беше доволна, но дали е ова доволно денес?

Не е, бидејќи денес има многу луѓе кои зборуваат во име на Ромите, особено преку социјалните мрежи. Предизвик денес е како да се препознае разликата помеѓу оние кои ја прекриваат корупцијата, лицемерието или неспособноста зад демагогијата и популизмот и оние ромски патриоти со интегритет, доследност и компетентност.

На пример, избраните ромски лидери имаат репрезентативен легитимитет. Сепак, после 50 години ние имаме доволно искуство да ја препознаеме разликата помеѓу оние кои го ставаат колективниот интерес над личната корист и оние кои не го прават тоа. Исто така, научивме да правиме разлика помеѓу оние кои имаат способност да користат моќ и можност да ја унапредат нашата кауза и оние кои немаат таква. Исто така, ги видовме овие разлики меѓу ромските граѓански организации.

Други примери се ромските верски водачи кои уживаат многу поголема доверба од нашиот народ отколку избраните и граѓанските лидери. Некои ги ставаат анти-абортус каузите пред каузата на Ромите. На овој начин тие ја поддржуваат десничарската политика што исто така промовира расизам. Некои други даваат приоритет на религиозниот идентитет на сметка на идентитетот на Ромите, а тоа води или до асимилација или поделба меѓу Ромите. Други верски водачи го користат идентитетот на Ромите за да ги изолираат Ромите од политиката, така што другите донесуваат одлуки за нашите животи „без нас“. Меѓутоа, ние исто така препознаваме благородни и инспиративни верски водачи кои демонстрираат конзистентност меѓу верските вредности, нашето единство и нашата борба.

Од оваа причина, мојата генерација треба да ги обедини ромски политичари, верски водачи, граѓански поборници, уметници, новинари, работници и луѓе во бизнисот и спортот кои живеат според следниве вредности. Прво е вредноста на јавниот интегритет или поставувањето на колективниот интерес над личната корист. За нас е многу полесно да го демонстрираме ова на улиците или на Фејсбук, но поважно е да го демонстрираме тоа кога имаме одреден степен на моќ и можност. Втора е вредноста на конзистентноста помеѓу нашите зборови и постапки.

Секој може да каже убави зборови за правда и еднаквост за нашиот народ. Сепак, не можеме да тврдиме за еднаквост на Ромите додека ги потиснуваме жените Ромки. Не можеме да се молиме на Бог кој ги сака и штити сите, а во исто време да ја поддржуваме политиката на расистите, мизогините, исламофобите или хомофобите. Третата вредност е компетентността. Многумина знаат како да ги опишат проблемите, но само малкумина се стремат кон знаење и вештини за да пронајдат вистински решенија и да ги водат другите кон нив.

Гледајќи наназад, 50-годишното наследство од првиот Светски ромски конгрес е оформено од Студената војна, демократските транзиции и финансиските кризи. Денешниот свет се обликува од популизамот, Ковид-19, климатските промени, вештачката интелигенција и другите предизвици.

Следејќи го наследството од нашите претходници и одговарајќи на предизвиците од нашето време, треба да развиеме транснационално движење со силно локално присуство, да продолжиме со градење на Ромската нација преку границите и да го обединиме ромското лидерство со јавен интегритет, компетентност и доследност. Ова се темелите на новата ромска политика што мојата генерација треба да ја изгради за следната генерација да ја преземе и да ја води напред.

Opre Roma!

Повеќе на оваа тема може да слушнете од гостувањето на Жељко Јовановиќ и Менсур Халити од Канцеларијата за ромски иницијативи – Берлин во емисијата “Romani Hronika”.