Втора пресуда за случајот полициска бруталност Битола која определува казна затвор
Ја информираме јавноста дека на 30.05.2022 Основниот Кривичен Суд Скопје повторно донесе пресуда со која го прогласи за виновен полицискиот службеник кој го нападна Невзат Јашаровски и ја потврди осудата со казна затвор од една година.
По донесувањето на пресудата во октомври 2021 година, случајот од Апелациониот Суд беше вратен на повторно судење на Основниот Кривичен Суд Скопје со изведување на нови докази, вештачење извршено од стручни лица, кои не се од влијание за утврдување на поинаква фактичка состојба од фактичката состојба утврдена со првата пресуда.
Судот во пресудата наведе дека чувството на понижување на достоинството и личноста не може да биде предмет на вештачење. Со пресудата се потврди дека полицискиот службеник го малтретирал оштетениот Невзат и спрема него постапил на начин кој го понижил неговото достоинство. Полицискиот службеник е осуден за кривичното дело Малтретирање во вршење на служба од чл. 143 од КЗ.
Полицискиот службеник има право да се жали за оваа пресуда до Апелациониот Суд.
Овој случај претставува прв случај во кој се пресуди со казна затвор од една година за полициска бруталност. Досегашната пракса на осудување на полициска бруталност во Република Северна Македонија била со донесување на условна пресуда.
Во пресудата видеото кое кружеше на социјалните мрежи претставува доказен материјал. Оваа пресуда претставува чекор напред кон правда за жртвите Роми на полициска бруталност во нашата држава.
———————————
Првата пресуда во овој случај на полициска бруталност е донесена на 28.10.2021 година.