Во овие клучни и тешки моменти за државата, политичките партии треба да покажат лидерство, единство и храброст за да дефинираат заеднички став и да ги премостат несогласувањата и разликите внатре во институциите. Сведоци сме дека Република Бугарија го користи членството во ЕУ за етно-националистички цели грижејќи се за правата на малцинствата во Република Македонија, притоа заборавајќи на низата прекршувања на човекови права врз Ромите и останатите етнички заедници во сопствената држава.
Во овој контекст значајно е да се истакне дека доколку Република Бугарија е навистина демократска држава која се бори за заштита и унапредување на малцинските права треба да го имплементира принципот на реципроцитет, да ги заштити и унапреди правата на заедниците кои живеат во Република Бугарија, вклучувајќи ги правата на ромската заедница.
Имајќи ги во предвид долгогодишните заложби на Република Северна Македонија за отворање на процесот на преговори за членство во ЕУ, како и гео-политичкиот контекст во кој се наоѓа државата во одредување на нејзиниот стратешки правец за идните генерации, ние како граѓанско движење на Ромите ја изразуваме нашата поддршка за отпочнување на процесот на преговори со доследно почитување на правото на самоопределување и почитување на националниот идентитет на граѓаните на Република Северна Македонија.
Ние како ромска заедница сме за Европска Македонија и сме цврсто определени дека иднината на Република Северна Македонија треба да е во ЕУ и оттука наш стратешки интерес е почитувањето на малцинските права, мирот и просперитетот. Од една страна, почнувањето на преговори значи поголема заштита и унапредување на правата на Ромите и сите други малцинства, ефикасни институции и пристап до фондови кои треба да го унапредат животот на сите граѓани кои ќе превенираат во иднина граѓаните да бараат државјанства од други држави. Од друга страна, Република Северна Македонија не треба да биде заложник на земја членка на ЕУ вклучително и на околу 150,000 граѓани на Република Северна Македонија кои се здобиле со бугарско државјанство поради економски причини и кои де факто креирале нова реалност во државата.
Република Северна Македонија е мултиетничка држава, при што и Ромите еднакво придонесуваат како и сите останати заедници во државата. Ги повикуваме сите ромски политички партии, НВО и ромски интелектуалци да изградиме заеднички став околу ова прашање. Во делот на отворени консултации, Владата треба да ги земе во предвид и ставовите на ромската заедница во однос на ова важно прашање за иднината на државата.