Јавна реакција на граѓанското движење – АВАЈА

Граѓанското движење АВАЈА реагира на јавните расистички објави кои лидерот на “Македонски Концепт”, Петар Богојески во последниот период ги споделува на својот Фејсбук профил при што јавно ги навредува Ромите и шири говор на омраза кон различни групи на граѓани.

Ваквото однесување на една јавна личност е крајно неприфатлива и деградирачка, особено ако се знае дека Петар Богојески е вработен како Државен советник во Министерството за одбрана. Бараме од Министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска да реагира и преземе сите чекори за дисциплинска постапка против Петар Богојески.

Исто така, бараме од Министерството за внатрешни работи соодветно да постапи и дејствува во однос на ваквите јавни навреди од страна на Петар Богојески, кој наместо да е пример за граѓаните и да промовира соживот, тој јавно шири говор на омраза против ромската заедница и припадниците на исламската заедница, која е во спротивност на темелните вредности на нашата држава.

И покрај тоа што како движење пред околу 2 седмици јавно реагиравме во однос на присуството на навредливи термини во Дигиталниот толковен речник на македонски јазик (како циганче/циганштија и сл.), сепак одредени државни функционери воопшто не го разбрале навредливото значење на горенаведените зборови.

Јавни личности имаат двојно поголема одговорност кога се работи споделување на ставови кои содржат говор на омраза и расистички коментари на социјалните мрежи, бидејќи забележуваме дека истите се користат и од нивните следбеници во различни облици, со акцент кон ромската етничка заедница, а преку таквите обиди за омаловажување и навреди се создаваат услови за дехуманизација на ромската заедница.

Ваквите ставови креираат тензија помеѓу етничките заедници кои понатаму резултираат со меѓуетнички инциденти и влијаат врз меѓуетничкиот соживот во државата.