ПОПИС 2021 – ПОВЕЌЕ НА БРОЈ, ПОМАЛКУ ЗАПИШАНИ!

Пописот како статистичка операција во контекстот на Република Северна Македонија секогаш бил политизиран. Активностите кои се презедоа за време на Пописот во 2021 година, потврдуваат и понатака дека пописот останува високо политичко етнизирано прашање бидејќи пред сè дел од етничките малцинства, како што се Албанците и Турците, се стремат да ја задржат и зголемат својата бројка за да ги уживаат загарантираните права и позиции на сметка на помалиот број на Роми.

Историски гледано, Ромите во сите децениски пописи биле прикажани со помала бројка од реалната. На последниот Попис во 2002 година, бројката на Роми беше намалена во просек за околу 2,5 пати[1]. Всушност, според укажувањата на неколку невладини организации и меѓународни организации (Европски центар за човекови права за Ромите[2], РЕФ[3]) ромската популација е двојно поголема од официјалниот број регистриран во 2002 година. Според проценките на Советот на Европа во 2012 година, просечниот број на Роми во Македонија изнесувал 197.000, при што проценките се движат во ранг од 134.000 до 260.000 Роми. Ова несовпаѓање помеѓу проценетите и официјалните бројки ја потврдува тежината на манипулацијата со пописните податоци укажувајќи дека има многу повеќе Роми отколку што се претпоставува од официјалните извори.

Во јануари 2021 година, Аваја започна кампања „Горди Роми“ која имаше за цел да ја поттикне ромската заедница слободно да го декларира својот етнички идентитет, со користење јавни историски наративи и со залагање Ромите да бидат застапени во структурите за попишување. Имајќи ги предвид претходните пописни искуства и пријави за манипулации со етничката идентификација, Аваја формираше свои структури за следење на спроведувањето на Пописот во 20 општини. Имплементираниот систем за следење се покажа ефикасен и имаше постојани повратни информации и извештаи од лидерите на локалните тимови во врска со регистрираните неправилностите на Пописот. На терен, следниве неправилности беа забележани од страна на тимовите на Аваја кои го набљудуваа процесот:

– Во Струмица и Радовиш, Ромите пријавиле дека членови на турското движење одат со попишувачи до нивните маала и домаќинства, давајќи турски знамиња за време на „статистичката операција“.

– Во Тетово, во местата каде што живее доминантно албанско население, попишувач со албанско потекло го навел ромското семејство како албанско бидејќи наоколу живееле Албанци. Во вториот случај, попишувач од македонска припадност, бидејќи софтверот не функционирал, сакал да ги запише податоците во тетратка за да не мора да се враќа во истото домаќинство. Ваквото постапување на попишувачите е спротивно на методологијата за попис, каде што експлицитно е наведено дека „Прибирањето на податоците на терен ќе го вршат овластени попишувачи со интервју „лице в лице“ и со запишување на податоците во електронска форма на лаптоп“.

– Во Дебар и Кичево, попишувачи од албанска припадност ги попишувале ромските семејства без да ги прашаат за нивната етничка припадност. Во Берово попишувач од македонска припадност, директно ги попишал Ромите како дел од македонската етничка припадност „бидејќи Ромите живеат во Македонија“.

– Ромската заедница од Велес пријавила случај во кој попишувач од турската етничка заедница ја навел целата населба во Велес како Турци, без да ги прашува попишаните лица за нивната етничка припадност, посочувајќи дека ромската етничка припадност не постои во системот. По пријавите на терен, Аваја случајот го пријави кај државните инструктори во Велес, при што Аваја доби информација дека проблемот е решен. По неколку дена, локалната пописна комисија повторно го забележа на терен истиот попишувач како посетува семејства додека одговорот од Заводот за статистика беше дека ќе проверат и ќе преземат соодветни мерки против попишувачот.

Ова се неколку примери за неправилностите кои Аваја ги достави до Државниот завод за статистика. Додека директорот во телефонски разговор ги потврди случаите, истите ги сметаше само за изолирани случаи. За жал не следуваше никакво соопштение во кое се осудува ваквото однесување и се укажува дека нема да се толерира истото, ниту соопштение за негативното влијание на ваквите случаи врз ромското население и нивното слободно изјаснување на етничката припадност. Аваја отвори и телефонска линија за пријавување случаи на неправилности. Во текот на периодот на спроведување на Пописот, Аваја регистрираше 130 повици и пораки и документираше различни пописни неправилности – попишување семејства во тетратка, попишувачи кои не прашуваат за етничката припадност на испитаниците, закани од попишувачите дека Ромите го блокираат Пописот во случаите кога барале да имаат попишувачи Роми.

Притисокот да се заврши Пописот до 30 септември, нереагирањето на надлежните на тврдењата на голем број Роми дека не биле воопшто посетени од попишувачи, укажуваат на системски недостатоци и оставаат простор за сомневање во валидноста на Пописот, кој беше оценет како мошне успешен. Сумирано, горенаведените примери укажуваат на значителни пропусти во целиот процес како и на примена на различна методологија од пропишаната.

Со цел да се обезбеди интегритет и валидност на оваа т.н. статистичка операција, тимот на Аваја смета дека резултатите од Пописот 2021 нема да ја прикажат реалната бројка на Роми во Северна Македонија, и оттука сметаме дека процесот во одредени општини  треба да се ревидира (Велес, Радовиш, Струмица, Дебар, Кичево, Тетово); дополнително податоците од Пописот во одредени критични улици и населби во овие општини треба да се усогласат со административните дата бази, при што граѓанските организации треба да бидат набљудувачи во целиот процес. Втората опција е Владата да спроведе дополнителен процес на попишување на Ромите во соработка со граѓанските организации со цел да обезбеди веродостојни податоци за Ромите кои ќе бидат користени за планирање на идните јавни политики, вклучително и финансирањето програми за Роми, слично на Ромскиот атлас во Република Словачка, програма која се користи за планирање на јавните политики и за распределба на средствата од ЕУ-фондовите.

[1] Совет на Европа, Проценка за бројот на Роми во Европа (2012) достапно на https://rm.coe.int/1680088ea9

[2] Европски центар за правата на Ромите, Извештај за состојбите (2012) достапно на  http://www.errc.org/uploads/upload_en/file/macedonia-country-profile-in-macedonian-2011-2012.pdf

[3] Ромски образовен фонд, Национална проценка за Македонија (2011) достапно на https://www.romaeducationfund.org/wp-content/uploads/2019/05/ref_ca_2011_mac_macedonian_screen.pdf