Снимки од видеото што беше споделено преку социјалните мрежи во неделата, 20 јуни 2021 година. Еден млад Ром почина по интервенција на полицијата. (ФОТО: Фејсбук, колаж: Romea.cz)
Видео снимките од Теплице, Чешка масовно се споделуваат преку социјалните мрежи од полициската интервенција врз младиот Ром, кој подоцна починал во амбулантното возило повикано на местото на настанот. Припадниците на ромската заедница ја споредуваат неговата смрт со смртта на Џорџ Флојд, афро-американецот кој беше убиен од полицијата минатата година во САД.
Еден од полицајците го притискаше своето колено неколку минути врз вратот на младиот Ром кој подоцна починал во амбулантното возило на пат кон болница кое било повикано од полицијата на местото на настанот.
Полицијата соопшти дека нивната интервенција не била причина за неговата смрт, туку дрогата која тој ја користел. Михал Мико, директор на организацијата „Романонет“, објави на Интернет дека она што го покажува видеото е „Врвот на бруталноста“.
Михал Мишигар, студент Ром по историја и ромски студии, добитник на наградата за лидерство во 2019 година од Институтот „Аспен“ Централна Европа, коментира дека на снимките се гледа „Ромскиот Флојд во Теплице!“ потсетувајќи на нападот врз ромските деца на летен камп што го водеше ромската музичарка Ида Келарова и смртта на Ром во притвор во пицерија во Чатец, тој додаде: „Се чувствувам навистина немоќно и тажно! Ова не е прв случај!”
На снимката која кружи на социјалните мрежи се гледа како тројца полицајци интервенираат врз еден млад Ром, кој постојано се обидува да се извлече од тортурата. Еден офицер ги држи нозете на човекот, а другиот клечи врз неговиот врат неколку минути. Трет офицер му става лисици на младиот Ром, кој постојано вика. Неколку Роми, случајни минувачи, можат да се слушнат на снимката како ја коментираат интервенцијата.
„Го гушат!“, се слуша женски глас. „Тоа е нивна работа!“, вели гласот на друг човек, бранејќи ја полицијата. „Остани, не станувај!“, советува друг Ром.
Според портпаролот на службите за итни интервенции, Прокоп Воленик, била пријавена тепачка помеѓу две лица зависници од дрога кои за време на тепачката биле под дејство на наркотици.
„Кога полициската патрола пристигна на местото на настанот, едното лице избега, додека другото беше соборено од полицајците и беше врзано со лисици на рацете“, изјави полицискиот портпарол Вероника Хиплерова за таблоидот Blesk.cz. Полицајците повикале брза помош затоа што уапсениот бил под дејство на дрога.
„Toj почина во наркотична состојба“, рече портпаролот на полицијата, отфрлајќи го мислењето дека причина за смртта на младиот Ром била интервенцијата на полицијата. Според поранешниот британски полицаец Петр Торак (МБЕ, ромски имигрант од Чешка) ситуацијата го потсетува на смртта и на Џорџ Флојд, иако е сеуште рано да се донесуваат заклучоци.
„Од снимката може да се види дека уште едно лице починало како последица на полициска интервенција. Дали е ова чешката верзија на случајот на Џорџ Флојд? Јас внимателно ќе ја следам истрагата и ќе се надевам дека доколку се утврди дека се виновни полицајците, чешкиот правен систем и целото општество ќе ја осудат оваа полициска бруталност и ќе ги повикаат полицајците на одговорност“, рече Торак.
Членот на ромската заедница Емил Ворач, директор на организацијата Каморо, повика на протести против полициската бруталност како одговор на овој инцидент. „Никој, па дури и полициските единици, немаат право да интервенираат со непропорционална сила што предизвикува лицето да го изгуби животот за кратко време, дури и лице кое може да биде зависник од дрога или да има други негативни, патолошки склоности. Може ли народот да биде сигурен дека полициските единици ќе бидат професионални и пропорционални во нивната интервенција? “ прашува тој, повикувајќи ги сите на кои им пречи таквата бруталност да преземат нешто: „Ајде конечно да кренеме глава и да ги здружиме силите, барем во вакви ситуации во најмала рака!“.
Извор: romea.cz https://tinyurl.com/5xtm4xsu