„Интеграција а не асимилација” беше порака на мојот говор пред две години за 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите. Контекстот на мојот говор беше (не)употребата на ромскиот јазик од страна на Ромите како и фактот дека истиот се наоѓа во ,,Црвената книга на загрозени јазици” на УНЕСКО, а со тоа и загрозената положба во која се наоѓа ромскиот идентитет.
Но што е асимилација? Асимилацијата претставува процес на прилагодување на една малцинска група кон мнозинската, а чиј краен ефект најчесто е целосно или делумно губење на сопствениот етнички, национален и/или религиозен идентитет. Таа може да се одвива природно со слободна волја на асимилираната група или принудно од страна на мнозинството зад кое најчесто стои апаратот на принуда – државата. Меѓутоа покрај асимилација од државата, таа може да се случи и поради економски или социјални бенефити.
Дали ромската заедница во РСМ е асимилирана од страна на државата?
Не би рекол дека Ромите се асимилирани од страна на државата иако би рекол дека државата не води грижа за потребите на Ромите да го негуваат и одржуваат својот идентитет со што остануваме ранливи на асимилација од страна на останатите заедници, како и од мнозинската. За жал државните институции остануваат неми на барањата на Ромите да се отвори катедра по ромски јазик со кој би се создале кадри јазикот да го предаваат во сите основните училишта каде што има ученици Роми. Иако имаше ветувања и средби за истото, сепак во пракса ништо конкретно не се направи во тој поглед.
Ромскиот јазик е особено важна алатка од општествено политички карактер. Уште кога беше најавен пописот на почетокот, директорот на Државниот завод за статистика кажа дека на пописот ќе има графа само за мајчиниот јазик но не и етничка графа. Навремената реакција на АВАЈА доведе до тоа на овој попис да има етничка графа со која Ромите кои не го зборат ромскиот јазик ќе може се попишат како Роми. Но, што ако не се постапеше по реакцијата на невладиниот сектор? Исходот ќе беше јасен. Знаејќи го податокот дека не сите Роми го зборат ромскиот јазик, а наместо него го зборуваат македонскиот, албанскиот или турскиот, ќе значеше дека тие се Македонци, Албанци или Tурци.
Ромската заедница секогаш треба да има план Б. Затоа според мене треба да има мобилизација и влијание за отворање на Катедра по ромски јазик, а со тоа и создавање на кадар по ромски јазик во основните училишта. Ова мора да биде еден од приоритетите на сите чинители во ромското општество. Преку тоа Ромите кои не го знаат ќе имаат можност да го научат, а Ромите кои го знаат ромскиот јазик истиот да го научат граматички и литературно.
Јазична самоасимилација, антициганизам и интернализирана ,,ромофобија”
Голем дел од Ромите во РСМ не го знаат својот мајчин јазик. Ова особено се случува во средините каде Ромите живеат со останатите заедници. При разговор со неколку познаници Роми од Битола во поглед на тоа зошто не го зборат ромскиот јазик еден од нив ми раскажа дека во неговото семејство дома веќе трета генерација ромскиот јазик не се употребува. Во неговата семејна историја ми објасни дека најверојатно ромскиот јазик престанал да се говори поради обидот да се вклопат во средината во која што живееле како и поради срамот од лошите стереотипи кое мнозинското па и останатите не-ромски заедници кои живеат во Битола ги имаат спрема Ромите.
Тој, исто така, ми нагласи дека некои Роми во Битола и покрај тоа што се Роми се декларираат како Турци или Албанци. Во обид заеднички да ја најдеме логичната причина за овој феномен зошто тие се декларираат како Турци, Албанци, а не и како Роми, сфативме дека кај нив всушност постои интернализирана ромофобија предизвикана од антициганизмот која постои во македонското општество.
Но што е антициганизам, а што е ромофобија? Според ,,Алијансата против антициганизмот’’, антициганизмот се дефинира како: ,, специфичен расизам кон Ромите, Синтите, Патувачите и другите кои се жигосани во јавноста како „цигани”. ,,Ромофобијата”, пак, се смета дека настанува како последица на антициганизмот. Постојат луѓе кои никогаш немале контакт со Роми, но сепак поради антициганизмот односно негативната слика и наратив кое мнозинството ни го наметнува околу тоа што е тоа Ром тие да имаат ,,фобија” од Ромите.
Како малцинство кое историски е стигматизирано, исмејувано и стреотипизирано и со навикната пракса да бидеме генерализирани во контекст на лоши избори на поединци Роми ова не ме изненадува. Најверојатно овие Роми го усвоиле овој презир и почнале да ја потценуваат сопствената етничка припадност до степен на самоасимилација. До степен да се идентификуваат со било која етничка група само не со ромската.
Истото се случува и со одредени Роми во градовите во Источна Македонија. При разговор со една Ромка, таа ми кажа ситуација во која подалечен роднина се декларира поинаку. Шемата која се повторува исто како и со Ромите кои не се декларират како Роми во Битола е тоа што покрај декларирањето различно од тоа што се, кај нив исто така интернализираната ,,ромофобија” е нагласена.
Овој феномен, односно како константниот антициганизам кој што го претрпуваат Ромите не само во РСМ, туку и во другите држави во светот и поради кои одредени Роми се декларираат поинаку го потврдува и професорот Христо Ќучуков. Многу од ваквите Роми сметаат дека со тоа дека ќе се декларираат поинаку, ќе избегнат дискриминација и ќе добијат повеќе можности. Тие веруваат дека не-ромите ќе ги гледаат поинаку доколку кажат дека се Роми.
Меѓутоа, на прашањето дали овие Роми кои на некој начин се самоасимилираат како друга етничка група се прифатени од истите во која се обидуваат да се претопат, одговорот е негативен. Пракса е не-ромските заедници да ги препознаат и понатаму да не ги прифаќаат. Сепак, некои интересни групи од овие заедници ја користат оваа состојба за зголемување на процентот кога има попис, а потоа овие Роми за нив остануваат Чингене, Маџуп и останати варијации на погрдниот збор циган.
Асимилација од страна на другите заедници или само бројка за зголемување на процентот?
Со оглед на тоа дека во државата процентот на застапеност во државната администрација зависи од пописот тие ја користат оваа ситуација со додавање на овие Роми на нивното конто. Како што пренесе и Елвис Шаќири од Ромалитико на прес конференцијата во Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Ромите од Струмица на терен имаат поплаки дека им се вршат притисоци. Ова значи дека сепак Ромите од Струмица кои поголемиот дел не го знаат ромскиот јазик, но го знаат турскиот јазик се плашат од можни злоупотреби и притисоци. Слабата економска моќ на Ромите придонесува на овој попис, исто како и на избори, да се лесна мета на злоупотреби.
Добрата вест е дека Законот за попис на населението предвидува увид на попишаните податоци од страна на попишувачот со што злоупотребата е речиси невозможна, како и проактивноста на АВАЈА и работата со нејзините волонтери на терен со ова население.