JАВНА РЕАКЦИЈА НА АВАЈА за вчерашниот протест во Кочани

Граѓанското движење “АВАЈА” реагира на пораките кои произлегоа од вчерашниот протест на локалното население  во Кочани како и соопштението од општинскиот комитет на опозициската партија кои имаат за цел да предизвикаат тензија помеѓу ромското и локалното население.  Имено, инвестицијата која се најавува една година го решава 20 годишниот проблем на ромското население кое живее во просториите на старата касарна во Кочани во нехумани и супстандардни услови кои го нарушуваат здравјето на семејствата.

Додека легитимно право е да се организира протест, пораките од типот „Само преку нас мртви“, „Нема место за нив тука“, се ширење на говор на омраза и нетолерантност кон ромската заедница, кое што не поттикнува соживот. Опструкцијата на започнувањето на изградбата на типски куќи и организирањето на протест токму на 8ми Април – Меѓународниот ден на Ромите како и  50годишината од првиот Ромски конгрес, укажува дека во нашето општество сеуште престои неприфаќање на ромската заедница како еднаква со останатите заедници кои живеат во оваа држава.

Остро го осудуваме соопштението за јавност на опозициската партија која што само дополнително ја зголемува тензијата и креира наратив дека инвестицијата за Ромите е финансирана од даночни пари на граѓаните  и не треба да биде наменета за изградба на типски куќи за ромското население. Притоа заборавајќи дека и ромската заедница во оваа држава придонесува во плаќањето даноци (ДДВ данокот сите лица го плаќаат без разлика на националност) но и останатите даноци(персонален данок, данок на имот и сл.) кои во зависност од нашиот финансиски капацитет придонесуваме кон централниот и локалниот буџет. Воедно повикувањето на преиспитување на одлуката – “Дали тие граѓани, за кого се планирани типските куќи се од Кочани или од други општини, дали се криминалци” и слично укажува на ставот дека тие всушност не ги сметаат Ромите како еднакви граѓани во оваа држава без разлика од која општина доаѓаат, но и придонесува кон зајакнување на стереотипите и предрасудите  правејќи генерализација за сите Роми.

Ромите во Република Северна Македонија биле лојални кон државата, и во зависност од нивните можности еднакво даваат придонес во централниот буџет,  кон културата, вредностите, но и кон изградбата на подобро општество. Веруваме дека разумот на локалното население ќе завладее, и дека инвестицијата ќе се реализира при што дополнително ќе бидат ангажирани и човечки ресурси од социјални работници, локални актери за целосна интеграција на ромското население кое живее во старата касарна кои 20 години живеат во овој напуштен објект.

Инвестициите во ромската заедница до сега покажа дека кога Ромите имаат услови и еднакви шанси за раст, резултира во нивно вработување а со тоа и придонес кон локалниот и централниот буџет.

АВАЈА како граѓанско движење бара од сите политички партии да не се политизира состојбата на Ромите за да се добијат поени за локални избори, како и да ги повикаме ромските политички партии кои се во коалиција со опозициската партија да застанат зад ромската заедница и да ја подржат иницијатива за изградба на типски куќи во Кочани.

 

Со почит,

тимот на АВАЈА