Отсекогаш, мајчин јазик на Ромите е ромскиот јазик кој се вика romani čhib!
Во Македонија, од печат излезе првата ромска граматика во 1980 година од проф. Шаип Јусуф и проф. Креме Кепески.
На 7 Април 1990 година, на IV. Светски ромски конгрес, се донесе одлуката за „Ромската алфабета“, која беше предложена од страна на Комисијата за стандардизација на ромскиот јазик. На таа одлука се потпишаа 17 ромски лингвисти и научници, меѓу кои и Шаип Јусуф, Марсел Куртијаде, Рајко Ѓуриќ, Иан Ханкок како и претставник од УНЕСКО – Виктор Коптиков.
Во 1992 година под покровителство на Министерството за образование, се одржа генерална конференција за состојбата на ромскиот јазик и неговата примена во образованието. Тогаш се донесоа и основните принципи на кодификацијата на ромскиот јазик.
Во 1998 година, се издава првиот ромско – македонски и македонско – ромски речник до авторите Трајко Петровски и Боне Величковски.
На 7 ноември 2019 година е промовирана Граматиката на современиот ромски јазик од авторите Љатиф Демир, Фатиме Демир и Невсија Дурмиш.
Состојба и развој
Кон крајот на 90те години, во образовниот систем во Северна Македонија се воведе предмет “јазик и култура на Ромите“ како факултативна настава а после 2005 година, предметот станува изборен со можност оценката да влезе во вкупниот успех на ученикот. Во 2011 година, во рамки на Филолошкиот факултет при УКИМ, се воведе и предмет под трета категорија односно за студенти од прва година да го изучат ромскиот јазик, но поради недоволната промоција на истиот, развојот на предметот изостана.
Изборниот предмет Ромски јазик и култура се изучува во Скопје, во општините Шуто Оризари и Чаир, Куманово и Штип и во други. Единствено во овие општини, учениците Роми во основните училишта имаат можност да го изучуваат мајчиниот јазик и култура. Додека во останатите општини, иако има значителна популација на ромско население, не се изучува изборниот предмет Ромски јазик и култура, односно воопшто не им се нуди на родителите да изберат Ромски јазик и култура и нивните деца да учат од трето до деветто одделение.
Од објавената наставна програма за изборен предмет од Бирото за развој на образованието може да се види дека доколку учениците го изберат предметот Ромски јазик и култура ќе го изучуваат континуирано по два часа неделно.
Според Бирото за развој на образованието, воспитно-образовната програма по предметот Ромски јазик и култура во шесто одделение може да ја изведува лице кое добро го говори ромскиот јазик и кое завршило: Филолошки факултет – наставна насока; Педагошки факултет или Филозофски факултет – Институт за педагогија, дипломиран педагог.
Наставниците по Ромски јазик и култура се соочуваат со големи тешкотии. Имено, имаат програма од III до VIII одделение, а постојат учебници само до V одделение.
Според последниот попис на население од 2002 година, во Македонија го говорат 1,90 проценти од вкупното население во земјата. Според истиот попис, Во Македонија се декларираа 2,66 проценти како Роми.
Светскиот ден на ромскиот јазик прв пат беше одбележан на 5ти ноември 2009 година во Загреб, по иницијатива на Здружението за унапредување на образованието на Ромите во Хрватска “Кали Сара”. Датумот е избран на 5- ти ноември, во чест на денот на кој во 2008 година бил објавен првиот Ромско – хрватски и Хрватско – ромски речник од Вељко Кајтази, објавени од страна на Ромска асоцијација за унапредување на образованието на Ромите во Хрватска “Кали Сара”, од Загреб и Одделот за ориентални студии на Филозофскиот факултет во Загреб. Следната година, во истиот ден, е одржан Првиот симпозиум на ромски јазик, на кој, кога се собраа учесници од целиот свет ја донесоа Повелбата и Декларацијата на Симпозиумот по повод Светскиот ден на ромскиот јазик, кој беше потпишан од страна на сите учесници, меѓу кои беа и претставници на Меѓународна унија на Ромите. Оваа повелба во чие создавање се вклучени 260 истакнати претставници на Ромите и не-Ромите, ја покани целата светска јавност да се приклучи на иницијативата на популаризација на ромскиот јазик, зачувување на културниот и националниот идентитет, образование и писменост на Ромите и подобро разбирање на сите луѓе.
„Ромскиот јазик мора да биде зачуван, бидејќи ова е древен јазик, со сите јазични одлики на современиот јазик што е во опасност од исчезнување… Затоа, со одлуката да се прогласи Светскиот ден на ромскиот јазик, УНЕСКО ја нагласува потребата за зачувување и понатамошен развој на споменатиот јазик. Јазикот на еден народ е главен чинител на културниот и национален идентитет. Бројот на Роми во Европа е меѓу 10 до 12 милиони. Во повеќе од 60 проценти од земјите во Источна и Југоисточна Европа се говори ромскиот јазик“, образложува УНЕСКО.
До денес, тој останува еден од највредните идентификатори и средства за комуникација, социјализација и културна интеграција за над 20 милиони Роми.
Даниел Петровски, антрополог и етнолог
Магистранд при Институт за фолклор „Марко Цепенков