Претседателски избори 2019- Кампања: Ние гласаме, Ние одлучуваме

Почнувајќи од 2019 година во рамките на претседателските избори, АВАЈА ја спроведе својата прва кампања, “Ние гласаме, Ние одлучуваме”. Преку оваа кампања , АВАЈА преку консултативен процес со ромската заедницата во 16 општини дефинираше свои барања до претседателските кандидати и извршната власт. Барањата беа преточени во манифест на Ромската на Ромската заедница кои се однесуваа на: 1.Зголемување на застапеноста на Ромите во државната и јавната администрација до минимум 2%;    2.Двојна буџетска алокација за решавање на проблемите на Ромите, како и 3.Двојно поголема реализација на капитални инвестиции во ромските населби до 2020 година.

Во рамките на кампањата граѓанското движење Аваја успеа да собере поддршка за манифестот од 11,240 Ромски од 16-те општини каде што делуваше.


Овој манифест беше презентиран и на дипломатската вечера на која беа присутни  Премиерот на државата и неговиот кабинет, амбасади (швајцарска, германска, француска и ЕУ) и претставници на Фондацијата Отворено Општество – Канцеларијата за Ромски иницијативи, Берлин. На дипломатската вечера пред сите присутни се презентираа барањата на иницијативата АВАЈА, додека дипломатските мисии во државата ја охрабрија и поддржаа иницијативата.

Покрај овој настан, АВАЈА организираше и „Јавно обраќање на претседателските кандидати пред Ромската заедница“, кој се одржа на 3 Мај 2019 година. На овој настан, пред 1200 граѓани Роми од 16 општини, кандидатите за Претседател на државата имаа можност да ги претстават своите политички програми и предизборни ветувања поврзани со унапредување на состојбата на Ромите, а воедно да ги слушнат и потребите на граѓаните Роми.


Победникот на претседателските избори – Стево Пендаровски  во делот на своето обраќање изјави: „Првата работа која мора да биде рефлектирана во мојот кабинет, ако ја добијам вашата доверба, е во тој кабинет да има и припадници од ромска етничка заедница. Бидејќи, не можам да замислам претседател на сите граѓани, како велиме, кој бара гласови од сите граѓани, а да има припадници само од некои етнички заедници, не од сите етнички заедници. Значи, тоа е гаранција што ја имате!“..

.Ќе ги поддржам сите политики на оваа влада и на која било друга влада, бидејќи владите и политичарите се менуваат, која ќе оди кон унапредување на вашите права, кон унапредување на правата и на другите етнички заедници, но и на Ромите. И обратно, нема да потпишам ниту еден указ за закон, кој евентуално ќе води кон дискриминација на Ромите или кон дискриминација на која било етничка заедница.“


Во рамките на пост-претседателската кампања, граѓанското движење АВАЈА  преку активно медиумско застапување се залагаше за вработување на Советник Ром во Кабинетот на Претседателот на државата.

Во однос на претседателски избори кампањата имаше за цел да ги охрабри гласачите Роми да учествуваат на изборите и да го искористат своето право на глас и да учествуваат во демократските процеси и носењето одлуки без притоа да бидат подложни на надворешно влијание кое ги поткопува интересите на заедница.

Покрај горенаведените активности, во рамките на првата кампања се спроведоа и локални иницијативи во пет општини за решавање на одредени проблеми во заедницата. Локалните иницијативи беа дефинирани од тим лидерите и нивните членови, со вкупен буџет од 2,000 долари.