Парламентарни избори – Кампања: Мојот глас – Твоја Должност

Во пресрет на парламентарните избори 2020, граѓанското движење Аваја ја спроведе кампањата „Мојот глас – Твоја должност“, во која главна цел беше политичките партии да ги вклучат приоритетите на Ромската заедница во своите политички програми. Воедно оваа кампања се фокусираше на подигнување на политичката култура за информиран избор кај ромската заедница.

АВАЈА со својата  структура на тим лидери во 17 општини, спроведе консултации со Ромската заедница за проблемите и потребите кои се идентификуваа во период пред парламентарните избори. Воедно, се организираа и средби со советниците на двете најголеми партии ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ со цел да им се претстави кампањата, и обезбеди учество на кандидатите за премиер на јавна дискусија пред Ромската заедница.

Кампањата исто така беше претставена и пред амбасадорите од различни земји, каде што се истакнаа потребите на Ромската заедница за да се обезбеди поддршка за заложба на политичките лидери за реализација на потребите на заедницата. Дополнително, за време на изборите Аваја активно го следеше  целиот процес со мониторинг тим.

 

 

 

За да ја зголеми свеста кај заедницата и зрелоста кај политиките партии, исто така се организираа и јавни дебати помеѓу ромските политички партии и граѓански активисти за дадат отчет за сработеното и со тоа да се придонесе за информиран избор на претстојните избори.

АВАЈА преку своите локални структури спроведе консултација во 17 општини во која се опфатија  повеќе од 12.000 Роми со цел самата ромска заедница да ги дефинира своите барања и да ги артикулира до сите засегнати страни. Во текот на консултациите со ромската заедница паралелно се организира дебати и јавни форуми.

Како резултат на консултациите и форумите кои се организираа со заедницата се подготви Програма за Роми, која им беше испратена на сите политички партии кои настапуваа на изборите.

Во програмата беа претставени приоритетите во неколку области и тоа:

  • Политичка партиципација при што фокус е правичната застапеност во јавната администрација на централно и локално ниво, како и вклученост во раководни позиции
  • Вработување: формализација на неформална економија и вклученост во активните мерки за вработување
  • Здравство: систематизирање на здравствените медијатори, вработување на медицински кадар, амбулантно возило во Шуто Оризари
  • Култура и јазик: изградба на музеј и стимулирање на творештвото на Ромски јазик
  • Безбедност: вработување на Роми полицајци и обезбедување на Пожарникарна единица во Шуто Оризари
  • Социјална заштита: вклучување на деца на улица во редовниот систем на образование, Поддршка и развој на програма за работа со лицата коишто немаат свој дом
  • Инфраструктура: Асфалтирани патишта во ромските населби, изградба на водоводна и канализациона мрежа, приклучок и пристап до електрична енергија и изградба на потпорни ѕидови
  • Домување: Вклучување на ромските населби во ГУП и ДУП и социјално домување
  • Образование: Програма за деца кои не се вклучени во системот за образование, бесплатно дооформување на основно и средно образование
  • Правда: Вклучување на Роми во Комисијата за заштита на дискриминација и зголемување на бројот на Роми

Исто така, АВАЈА организираше јавна дискусија со претседателите на двете најголеми коалиции, при што на поканата се одѕва Г-ин Заев и ја престави програмата на коалицијата Можеме. Воедно, националниот тим ги претстави барањата на Ромската заедница во клучните области и упати прашањата до Г-ин Заев  за планот за решавање на проблемите на Ромите во четиригодишниот период на владеење.
Очекувања беа дека по јавното сослушување на кандидатите за премер, ромската заедница самостојно ќе одлучи за кого ќе го даде својот глас за да активно придонесе во овој дел со искористување на своето право на глас.
Воедно, преку кампањата за парламентарни избори Аваја апелираше до сите политички партии да не ги користат Ромите и нивната позиција за било какви изборни манипулации.

Во рамките на дискусијата со Г-ин Зоран Заев, Претседателот на СДСМ  беа дадени следните ветувања:

Заев укажа дека најголем фокус во наредните четири години ќе се посвети на ромската заедница за да биде на еднакво ниво со останатите заедници.
Во делот на заложби за Ромите, истакна дека во однос на правичната застапеност предвидено е Ромите да имаат свои претставници во извршната власт со вклучување на квалитетни ромски кадри. Она што се предвидува е во првите 100 дена, да се подобри застапеноста на Ромите на одлучувачко ниво и на ниво на раководни позиции. Во тој домен се планираат укинување на министрите без ресор, воведување директорати опремени со административна структура да подготват четири годишна агенда за подобрување на животот на Ромите. Воедно, фокус се предвидува на комунално и инфраструктурни проекти, но и на легислатива, особено во делот на донесување на новиот закон за легализација за да може и Ромите да добијат имотен лист. Капитални инвестиции за инфраструктурен развој на ромските населби треба да се зголемат и во самиот буџет да се воведе пондер за зголемена алокација за забрзено инвестирање во Ромските населби.