По објавените видео снимки на социјалните мрежи за напад на Ром во Штип, изминатите неколку дена тимот на АВАЈА во Штип разговараше со лицето кое беше нападнато и неговата сопруга. Според добиените информации се работи за физички напад кој е предизвикан поради етничка нетрпеливост кон ромско семејство кое живее на улица која е главно населена со македонско население.
Физичкиот напад е направен од страна на семејство на лице кое е вработено како полицаец во СВР Штип. Причините за физичкиот напад е соседско недоразбирање за погрешно паркирање и блокирање на влез во домот на лицето кое е нападнато. Од добиените информации лицата кое го нападнало ромското семејство им се заканиле со зборовите “на претходните ги иселивме и вас ќе ве иселиме, цигани едни” што јасно укажува за намерата при физичкиот напад.
Според билтенот на СВР Штип се истакнува дека се работи на расчистување на случајот за кој е известен и Секторот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди.
Движењето АВАЈА веќе разговараше со семејството и обезбеди адвокат кој ќе го застапува семејство. Обезбедени се сите документи кои се потребни за застапување, како лекарско уверение. Како движење реагираме и бараме од страна институциите соодветно да го истражат случајот за физички напад во кој биле вклучен припадник на СВР Штип и неговото семејство и да постапат во согласност со сите закони. Како движење исто така се надеваме дека институциите ќе го препознаат расистичкиот елемент во побудите за напад на лицето Ром.
Leave a Reply